Барса гази се пред себе, ја наполни до врв мрежата на Елверум

Европскиот првак Барселона ја забележа четвртата победа во четвртиот натпревар од новата сезона во Лигата на шампионите. Каталонскиот гигант немаше никакви проблеми на гостувањето кај норвешкиот првак Елверум и славеше со 46-30.

По пет минути игра Барса даде пет гола и поведе со 5-2. Грондал и Борзаш ја намалија негатива и беше 8-6, но шпанскиот тим повторно нагази, Нилсен фати две топки и беше плус шест 12-6.

Како да се играше без одбрани во продолжение па до крајот на полувремето паднаа уште многу голови на двете страни. Европскиот првак на пауза замина со предност од осум гола, 23-15 и јасно беше дека домашните немаат сили да парираат.

Во второто полувреме немаше никаква неизвесност. Тренерот на Барса, Карлос Ортега, ја измеша поставата на теренот, повеќе шанса добија Макуц, Лангаро и Ричардсон, но и покрај тоа предноста на каталонците не беше загрозена.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Тимоти Н’гесан со осум, како и Цинриќ и Фабрегас со по шест погодоци, додека Де Варгас и Нилсен имаа вкупно десет одбрани. Кај Елверум се истакнаа Нилсен со седум и Борзаш со шест гола.