Бабиќ: На добар пат сме, не смееме да „преспиеме“ ниту еден натпрвар

Тимот на Еурофарм Пелистер утре го игра чевртиот натпревар од групната фаза во Лигата на Европа.

Ривал на момците на Жељко Бабиќ ќе биде унгарската Татабања, а хрватскиот стратег вели дека со промената на тренерот, кај нив има нова енергија.

„Со промената на тренерот, има нова енергија во тимот. Тоа може да се види и во нивните победи во последните натпревари. Можеме да очекуваме еден противник кој игра долг напад, трпеливо, кој има силна надворешна линија која веќе долго време игра заедно, не очекува еден противник кој е цврст во одбрана, кој добро трча особено по левата страна со добра контра. Типичен европски тим, кој има добра транзиција, добри голмани, добар тренер“, вели Бабиќ.

Еурофарм Пелистер има биланс од победа, реми и пораз, но очигледно дека формата на тимот е во нагорна линија.

„Играчите имаат огромна желба, посветени се, фокусирани и подготвени. Во спортот постојат добра форма и моменти во кои исто работите, но резултатите се различни. За жал кај нас мерило се само резултатите, знам по себе и по другите колеги. Ние сите исто работиме, но некогаш ќе испадне добро, а некогаш не е така. Формата, повредите секогаш влијаат. Не смееме да „преспиеме“ ниту еден натпревар. Задоволни сме и среќни од бодовите освоени на гостински терен, ние сме на добар пат, имам добра ситуација и ќе дадеме се од себе за да оствариме победа и да ја продолжиме позитивната низа“, заврши Бабиќ.

Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Татабања се игра утре во салата „Боро Чурлевски“, а стартот е во 18:45 часот.