Бабиќ за 24 Ракомет: Имаме добар тим и без засилувања можеме да ги повториме ланските резултати

Новиот тренер на Еурофарм Пелистер, Жељко Бабиќ веќе неколку дена работи со тимот во Скопје, а вчера го одигра и вториот контролен натпревар. Тој се адаптира во новиот тим, а уште не е комплетен составот со оглед на тоа што неколку ракометари дури утре ќе се најдат во тимот.

Првите две контроли ги имаа против тимот на КЛ 7. На вториот дуел составот на Еурофарм Пелистер победи со 38:12 (18:7), а играа и помладите ракометари кои во првиот дел од сезоната играа за екипата на Пелистер.

„Ни недостигаат осум репрезентативци. Со играчите кои се тука сум многу задоволен. Пред сè играме многу борбено и цврсто во одбраната. Играчите се ангажирани и се за секоја пофалба. Поради тоа е големо задоволство да ги тренирам бидејќи ангажманот е на високот ниво. Можеше да се види одличен ракомет особено на втората средба така што сум задоволен“, вели Бабиќ за 24 Ракомет.

Според тоа со каков играчки кадар располага тимот, нема да има нови имиња до крајот на овој преоден рок и вториот дел од сезоната ќе биде одработен со играчите кои се веќе дел од Еурофарм Пелистер.

„Заедно со раководството на клубот одлучивме годинава да не ангажираме никого. Веруваме дека имаме добар тим и дека можеме да оствариме добри резултати со овој кадар. Кога ќе дојде крајот на сезоната тогаш ќе видиме. Клубот ќе процени што ни треба и кои засилувања би требале да бидат ако се одлучиме некого да го купиме. Верувам дека кога ќе се вратат ракометарите дека тоа е еден добар и компактен тим и што подолго да можеме да бидеме заедно“.

Бабиќ е задоволен од тоа како е примен во тимот и од соработката која ја има со раководството.

„Многу сум задоволен од претседателот Зоран Стерјов, кого го викам професор. Тој е навистина еден многу добар и умерен човек, пред се паметен. Големо задоволстово и среќа е да се биде дел од ова големо семејство. Еден голем проект и се надевам и верувам дека ќе останам долго за да можеме да го направиме Еурофарм Пелистер навистина еден европски клуб“.

Првиот натпревар ќе го има против Нексе во СЕХА лигата, а смета дека шансите се исти пред одигрувањето на двете осминафинални средби.

„Верувам дека имаме предности во однос на Нексе, а исто така и тие. Имаме многу ракометари, некои се повредени. Во Нексе немаат тренер, а јас сум нов во Еурофарм Пелистер тка што мислам дека шансите се подеднакви и длабоко верувам дека оној што повеќе ќе ја сака победата ќе помине понатаму. Се надевам дека ќе покаќеме карактер веќе на првиот натпревар и почлека ќе почнеме да ја пишуваме историјата на Еурофарм Пелистер во наша корист“.

Целта е слична како лани за оваа сезона, а вели дека очекува и интересно првенство во плеј-офот од Супер машката лига.

„Првенството ќе биде тешко. Сакаме минимално да ги повториме резултатите од минатата година. Сепак, би нагласил една работа. Многу поваќен е самиот процес отколку целта. А процесот е секој играч да биде максимално ангажиран и максимално дисциплиниран. Тогаш резултатот ќе дојде. Ако не дојде тогаш тоа е реалната слика. Очекувам од моите играчи максимална ангажираност и максимална дисциплина, а другото ќе биде добро“, изјави Бабиќ во своето прво мини интервју за 24 Ракомет.

Следната контрола за Еурофарм Пелистер е најавена за в четврток кога ќе бидат одмерени силите со екипата на Вардар.