Африканско првенство: Фаворитите според планот, не дозволија да има изненадување на првиот ден

Денеска во Египет стартуваше Африканското првенство, на кое 13 репрезентации ќе се борат за пласман на Светското првенство во Полска и Шведска. За потсетување, само најдобрите пет селекции ќе обезбедат мундијалски билет.

Победа на денешните натпревари остварија репрезентациите на Ангола, Гвинеја, Тунис, Конго и Египет. Натпреварот меѓу Алжир и Кенија, кој требаше да се одигра во терминот од 10:00 часот беше откажан бидејќи репрезентацијата на Кенија во последен момент реши да се повлече од турнирот.

Во рамки од групата А, домаќинот, Египет, немаше никакви проблеми против Камерун, триумфираше со 40:17 (20:7). Утре, од оваа група свој дуел ќе имаат Камерун и Мароко, додека на 13 јули, Египет ќе ги одмери силите со Мароко.

Репрезентацијата на Гвинеја успеа да слави убедливо против Габон, со резултат 35:22 (20:11), во натпревар од групата Б. Во споменатата група се наоѓа уште и репрезентацијата на Алжир, која утре со почеток од 15:00 часот ќе го одигра првиот натпревар на Африканското првенство, а противник ќе и биде репрезентацијата на Габон.

Тунис, како еден од фаворитите за освојување на Африканското првенство, во првиот натпревар од групата Ц ја покажа својата доминација против Нигерија триумфирајќи со 12 гола разлика, 30:18 (14:13). Третата репрезентација која ќе настапи во оваа група се Зеленортските Острови.

Во групата Д, Ангола и Конго славеа против Замбија, односно Сенегал. Репрезентацијата на Ангола ја декласираше Замбија со 53:24 (24:11), додека Конго, во која настапуваат двајцата поранешни ракометари на Вардар, близнаците Оливие и Кевин Њокас, славеше над Сенегал со пет гола разлика, 31:26 (14:15).