Атанасијевиќ: До вчера дел од момците ги гледав на ТВ, а денес ќе тренирам со нив

Еден од новајлиите на списокот на селекторот Кире Лазаров за двомечот со Египет е левиот бек на Еурофарм Пелистер 2, Павле Атанасијевиќ.

Тој дојде на собирот ден по големата победа над шампионот Вардар и се уште е под имресии од падот на „црвено-црните“ во Битола.

„Тие мали клучни детали беа во наша позитива, бевме многу мотивирани да го победиме Вардар. Ние игравме добро, атмосферата беше на топ ниво“, вели Атанасијевиќ.

Тој се најде на поширокиот список од 22 ракометари на селекторот Лазаров и ќе биде во конкуренција за настап.

„Повикот од сениорска репрезентација ми дојде како шлаг на тортата. Очекувам да дебитирам против Египет во сениорскиот дрес. Подготвен сум и психички да давам максимум и за тимот и за репрезентацијата. Првата цел на Еурофарм Пелистер 2 е да се пласираме во плеј-оф, а исто така и да обезбедиме место во Европа“, продолжува Атанасијевиќ.

Младиот бек ќе има шанса да тренира со дел од репрезентативците што досега имал шанси да ги гледа од трибини и на ТВ.

„Тоа што ќе тренирам со овие момци што до вчера ги гледав на телевизија, а денеска ќе ме советуваат и ќе ме научат нешто ново, ми претставува голема мотивација. Се надевам и на место на поширокиот список за Европското првенство“, заврши самоуверено Атанасијевиќ.

Македонија заминува во Египет в среда, а в петок и сабота ќе се соочи со „фараоните“ на Роберто Парондо.