Арсеновски: Трансферот во Битола е чекор напред во кариерата

Едно од новите засилувања за Еурофарм Пелистер 2 е поранешниот младински репрезентативец Филип Арсеновски.

Пивотменот досега беше член на Металург, а во новата сезона Автокоманда ќе ја замени со Битола, но ќе соработува со познато лице – Александар Јовиќ.

Арсеновски очекува да оди чекор напред во кариерата со трансферот во битолскиот клуб, кој беше официјализиран денеска.

„Очекувам одлична соработка и со раководството на Еурофарм Пелистер 2, како и со тренерот Александар Јовиќ, со кој веќе работевме заедно во Металург. Се надевам во иднина дека ќе имам можност да работам и под палката на Жељко Бабиќ. Првата година ќе играм во Еурофарм Пелистер 2, но ќе имам можност да настапувам за првиот тим во СЕХА. Со напорна работа и докажување би требало да одам чекор напред во кариерата. Задоволен сум од понудениот договор и се надевам дека ќе бидам добро прифатен од битолската публика која што разбира ракомет“, вели Арсеновски за 24Ракомет.

Покрај Арсеновски, во вториот тим на Еурофарм Пелистер, дојдоа уште тројца ракометари од Алушовски – Петар и Павле Атанасијевиќ, како и Ненад Белистојаноски.

Претходно битолчани се засилија со Цветан Кузманоски од Струга и Никола Стоилевски од Металург 2, а нови договори потпишаа Стефан Дрогришки, Стефан Талевски и капитенот Васко Димитровски, како и четворица младинци.