„Арпад Штербик е ‘виновен’ што не освоив титула во Лигата на шампионите“

Легендарниот Ивано Балиќ во интервју за медиа тимот на ЕХФ ја раскажа својата животна и спортска приказна.

Средниот бек од Хрватска во богатата кариера нема титула во Лигата на шампионите, иако беше блиску со шпанскиот тим Портланд Сан Антонио.

„Портланд Сан Антонио ми даде четири убави години играјќи врвни натпревари во Шпанија и Лигата на шампионите. За жал, никогаш не освоив европски трофеј. Најблиску бев тоа да го направам со Портланд. Во 2004/05 стигнавме до финалето откако завршивме како први во групата и потоа ги елиминиравме Адемар Леон, Барселона и Веспрем. Во финалето игравме со Сиудад Реал, кој тогаш го имаше најдобриот состав, вклучувајќи ги Хрватите Петар Метличиќ и Мирза Џомба, моите соиграчи од репрезентацијата и еден голман кој го реши натпреварот, тоа беше Арпад Штербик. Двата тима имаа одлични играчи, но тој ја правеше клучната разликата. Мислам, на домашен терен против нив постигнавме само 19 гола“, вели Балиќ.

Иако изгради успешна ракометна кариера, Балиќ откри дека ракометот не бил неговиот прв избор кога се работи за спортот.

„Моите родители Жарко и Стјепанка беа ракометари. Веќе може да се каже дека мојот пат не може да води никаде на друго место освен кон спортот. И двајцата играа во Италија, затоа дел детството го поминав таму, во близина на ракометното игралиште. Сепак, на изненадување на сите, ракометот не беше мојот прв избор. Кога се вративме во Сплит, мојот роден град, како и секое дете, прво се обидов да играм фудбал во Хајдук. После тоа, пробав ватерполо и кога имав 13 години, се приклучив на локалниот кошаркарски клуб“, открива Балиќ.

Тој беше дел од стручниот штаб на Хрвоје Хорват на клупата на Хрватска, но со заминувањето на Хорват, заминува и Балиќ.