Анита Гербиц во нова улога: Јас сум во Данска да учам, сега сум полудиректор, полутренер…

Една од најдобрите ракометарки во последните години, Анита Гербиц на ова Европско првенство првпат не е во улога на играч.

Таа доби убава можност да влезе во стручниот штб и да биде еден од асистентите, па и самата вели дека од овој шампионат ќе извлече убава поука и лекција за следните првенства на кои откако ќе ја заврши играчката кариера би добила можеби и селекторска функција.

Гербиц порано беше носител на играта на Унгарките, а во моментов е во стручниот штаб. Таа почна нова кариера и тоа паралелна со оглед на тоа што сезонава е дел од играчкиот состав на Ѓер, но во Унгарија има промени во генерацијата, па се најде на клупата.

Таа е презадоволна во новата функција, а самата објаснува како и е во моментов во Данска.

„Сè уште сум активен играч во тимот на Ѓер, но на ова Европско првенство имам една поинаква улога која е нова за мене. Интересно ми е бидејќи ова е мое прво големо натпреварување во нова улога после сите на кои учествував како играч. Играв со поголем дел од овие девојки, а сега го доживувам тешкиот дел од тренерската работа“, вели Гербиц.

И самата нема конкретно објаснување каква е нејзината функција во составот на Унгарија, но дефинитивно има интересно размислување за тоа што го работи.

„Ова е сосема поинаква ситуација. Можам да научам многу аспекти на ракометот во оваа нова улога, како што е управување со стручен штаб и тим и да не размислувам како играч. Ова е нешто сосема ново за мене и од овој турнир имам што да научам. На некој начин јас сум во улога на полудиректор, полутренер. Имам задачи да ги мотивирам ракометарките и да им поделам совети. Стратегијата и тактиката, сепак, им припаѓа на тренерите“, коментира Гербиц.

Унгарија ги загуби шансите за полуфинале, но дефинитивно тие се во вистински правец да се вратат на патеките на кои беа во минатото.