Андреа Кликовац останува верна на ЧСМ Букурешт (ФОТО)

Шампионот на Романија во женска конкуренција, ЧСМ Букурешт ја задржува во своите редови репрезентативката на Црна Гора, Андреа Кликовац.

Црногорката реши да го продолжи договорот со клубот од Букурешт до 2023 година. Веста за продолжување на нејзиниот договор и официјално беше соопштена на клупската страна на ЧСМ Букурешт.

Од 2019 година, Кликовац настапува во шампионатот на Романија носејќи го дресот на ЧСМ Букурешт. Во сезона 2018/2019 настапуваше за унгарскиот суперлигаш Кишварда.

Кликовац најголемиот дел од својата кариера ја мина во поранешниот шампион на Македонија, Вардар. Во екипата на Вардар настапуваше од самиот почеток на создавањето на дрим тимот, па сè до самиот крај на големиот проект. Во редовите на Вардар пристигна во 2012 година од Жито Прилеп.

Пред да дојде во Македонија беше дел од Бисери и Будуќност. Кликовац е дел од сениорската репрезентација на Црна Гора од 2011 година.