Ангеловски за 24Ракомет: Чест, задоволство и огромна обврска е да се биде дел од стручниот штаб

Новиот селектор на машкиот национален тим, Кирил Лазаров, покрај поширокиот список на репрезентативци ги обелодени и имињата на неговите соработници во стручниот штаб, каде се најдоа Бранислав Ангеловски, Филип Миркуловски, како тренер-играч, Ацо Јоновски и Билјана Црвенкоска.

За Ангеловски кој по завршувањето на играчката кариера работеше како спортски директор во романска Констанца, а е и единствениот (засега) во ова друштво со мастер-коуч лиценца, ова бил повик на кој не се вели не.

“Чест, задоволство, а пред се огромна обврска претставува ова за мене. Мислам дека секој сака да биде дел од стручниот штаб и да работи со најдобрите во Македонија. Кире се јави и ме праша дали сакам да бидам дел од тимот, а јас со задоволство прифатив”, вели Бранислав Ангеловски за 24ракомет.

Со оглед на клупските ангажмани на Лазаров во моментов, но и на обврските кои останатите членови на стручниот штаб ги имаат комуникација се одвива телефонски и останува во периодот што претстои да се издефинира кој каква улога ќе има.

Дебито на Лазаров како селектор, но и комплетно новиот стручен штаб ќе биде на почетокот на март, во квалификацискиот двомеч со Данска за пласман на Европското првенство следната година.