Ангела Костовиќ е нова ракометарка во амбициозниот Овче Поле СУ

Клубот кој минатата сезона го освои првото место во плеј-аут фазата во Женската лига, Овче Поле Славјански Универзитет го донесе четвртото засилување за новата сезона, во која ќе влезе со големи амбиции.

Нова ракометарка во клубот од Свети Николе е десниот бек Ангела Костовиќ. 19 годишната ракометарка во редовите на Овче Поле Славјански Универзитет ќе пристигне од екипата на Вардар.

Костовиќ потекнува од школата на „црвено-црните“ и беше дел од сите големи успеси со пионерската, кадетската и младинската екипа на Вардар. Во минатата сезона со Вардар учествуваше во рамки на Европскиот Куп и на четири одиграни натпревари на европска сцена запиша 16 гола, со што беше меѓу најдобрите стрелци во вардаровиот табор.

Тренерот на Овче Поле Славјански Универзитет, Илија Бетувски, на позицијата десен бек за следната сезона освен Костовиќ ќе ги има на располагање и Јована Конева, Анастасија Сентовска и Сандра Гигова.

Амбициозниот тим на Бетувски во новата сезона ќе игра во група Б заедно со Ѓорче Петров, Металург, Стружанка, Деспина, Астибо, Феникс и Кузман Вардар. Најдобрите четири екипи ќе обезбедат пласман во плеј-оф фазата, додека останатите ќе се преселат во плеј-аут групата.

Претходно раководството на Овче Поле Славјански Универзитет ги ангажираше и Марија Галевска од Вардар, Ивана Станчева од Шампион и Јована Ангеловска од Кузман Вардар. Од минатата сезона остануваат сите ракометарки во тимот. Новата сезона во Женската лига би требало да започне на 10/11 септември.