“Анастасовски играше со скршен прст цел меч и покажа како се бранат боите на клубот”

Ракометарот од Македонија, кружниот напаѓач Кристијан Анастасовски, кој во оваа сезона од Франција се пресели на Косово, поточно во екипата на Кастриоти Феризај, во претходното коло од тамошниот шампионат цел натпревар одигра со скршен прст на десната рака.

Раководството на клубот преку социјалните мрежи упати комплименти за Анастасовски истакнувајќи дека во ниту еден момент од дуелот со Раховец не побарал замена и дека е вистински пример, кој покажал како се бранат боите на клубот.

Од Кастриоти информираа дека Анастасовски го оперирал повредениот прст, а неговиот камбек на терените се очекува да биде за околу еден месец.

Македонецот со пет погодоци беше најефикасен во дербито против Раховец. Иако Анастасовски со неговите соиграчи не успеаја да дојдат до победа, сепак, се изборија за важен бод, со кој остануваат во игра за пласман меѓу најдобрите три екипи во косовскиот шампионат.

Кастриоти по осум одиграни натпревари се наоѓа на 4. позиција на табелата со девет бода. Тимот на Аце Станковски во следното коло ќе гостува кај Вучитрин.