Ѓорче Петров се засилува – доаѓаат Анастасија Николовска и Ана Марија Коларовска

Ѓорче Петров продолжува да се засилува за новата сезона. Уште две нови ракометарки пристигнуваат во екипата која ќе биде предводена од новиот тренер, Оливер Димитриоски, па може да се забележи дека раководството на клубот има високи амбиции.

По Симона Стојановска, Ѓорче Петров се засили со уште две ракометарки, Анастасија Николовска од Чаир и Ана Марија Коларовска од Спартак.

Анастасија Николовска игра на позиција лево крило и се смета за една од надежите на женскиот ракомет во Македонија. Има настапувано за кадетската и младинска репрезентација на Македонија, а беше повикана и во сениорската репрезентација под водство на поранешниот селектор, Симе Симовски.

Младата ракометарка потекнува од школата на Кастратовиќ. Освен за Чаир, Николовска настапуваше и за екипите на Вардар, Пелистер и Спартак.

По една сезона помината во Спартак, Ана Марија Коларовска ќе се приклучи на амбициозната екипа на Ѓорче Петров. Игра на позиција среден бек, а освен за екипата на Спартак има настапувано и за Вардар.

Чекор по чекор, Ѓорче Петров ја гради екипата која ќе атакува на првите четири позиции на табелата во новата сезона и обезбедување место на европска сцена.