АНАЛИЗА: Дуелот меѓу Македонија и Црна Гора ќе даде одговор за многу дилеми

Шест групи за шест поранешни селектори на Македонија. Некогашниот најдобар ракометар на светот, поранешен играч на Барселона, Металопластика, а подоцна прославен тренер Веселин Вујовиќ во својата кариера како тренер и селектор мина многу познати клубови, но едно е сигурно засекаш ќе остане нераскинливата конекција со Вардар и вардаровите навивачи. Низ годините беше дел од големи ракометни колективи, а во 2007 е запишан и во репрезентативната историја на Македонија прво кратко како селектор на сениорската репрезентација на Македонија, а потоа и на младинците на Мундијалот во Македонија. Во кариерата беше селектор и на СР Југославија и Словенија. Веселин Вујовиќ ја анализира групата А.

„Кога беа извлечени групите селекторот на Данска си размислувал: „Добро е! Имам лесна група, ќе поминам во вториот круг, мора да бидеме паметни, не смееме да направиме некоја грешка!“

Данците пак се кандидати за титула

Селекцијата на Данска е фаворит во групата А и тоа никој не може да го оспори. Тоа е репрезентација која е еден од фаворитите за златото, со интерпретација на ракомет, која ми се чини дека за скандинавските земји е сосем поинаква. Сосем поинаку гледаат на ракометот и играат, а тоа го потврдуваат и машката и женската репрезентација и тоа нема наскоро да се промени. Единствена земја која може да им парира е Франција, сите други се далеку зад нив.

Данците според мене се фаворити со Микел Хансен, кој во репрезентација игра 150 проценти подобро отколку што тоа го прави во клуб (не ги знам причините зошто е тоа така). Го пронајдоа она што го немаа со години – десен бек во Гитцел. Данска имаше средни и леви бекови, пикери, но со години им недостасуваше тој десен бек и сега ја пополнија и таа позиција. Компактни се, имаат селектор со кој работат веќе неколку години, го познаваат својот систем и нема сомнеж дека се главен фаворит во групата. Играат систем 6-0 одбрана што скоро никогаш не го менуваат и во тоа се чувствуваат комотно, школувани се од млади години на таква одбрана и се додека носи резултати, медали и титули, тој систем нема да се промени, а нема ни зошто да се менува. Данска е фаворит и во групата и за освојување на титулата.

Словениј е скриен фаворит, но Врањеш уште „лута“ меѓу шведска школа…

Репрезентација која неколку години беше во подем, но успеа да освои медал само на СП во Франција – Словенија  е тим, кој секогаш е во некоја група на скриени фаворити, но никако тоа да го покаже. По промената на селекторот дојде Врањеш, кој по освојувањето на титулата во ЛШ со Флензбург не направи многу. Беше во Веспрем, па во Кристијанштад и тој уште „лута“ меѓу шведската школа која се обидува да ја пренесе на Словенците, но не гледам дека тие нешто многу ја усвојуваат.

Направија некои промени во составот, нема играчи од висока класа како Габер, Бомбач, Шоштариќ – играчи на Пик Сегед, за чија сила и квалитет со Вардар најдобро се уверивме. Без нив ќе видиме оние кои се на нивните позиции дали ќе можат да надоместат. Во секој случај секогаш е Словенија во некој круг на фаворити, но ќе видиме колку ќе го оправда тоа. Има и неколку нови имиња во составот, можеби со внесувањето на левото крило Тилен Соколич, поранешен ракометар на Копер, сега играч на Велење, може малку ќе го променат системот на одбрана. Досега играа 6-0, бидејќи ги имаат Мачковшек, Хенингман, Благотиншек, играчи кои се со специфична тежина. Соколич многу паметно игра во позиција 5-1 и можно е Врањеш да го искористи тој негов квалитет и знаење и затоа и го повика во репрезентацијата.

Генерално мислам дека проблем ќе им биде ротацијата на лев и десен бек, тука им недостасуваат квалитетни измени. По Доленец, тука е Грошељ, но тој е уште млад играч, недокажан. Мачковшек би го заменил Хенингман, кој во Пик Сегед скоро и да не игра во нападот и тоа може да им биде проблем. Затоа Словенија има исклучетелно квалитетни средни бекови кои можат да ги пополнат тие позиции, што многу често Словенците, па дури и јас кога бев селектор го правев. Функциониравме и со три мали, експлозивни бекови. Словенија е репрезентација фаворит број два во групата, но со огромна разлика меѓу нив и Данска.

Словенија со квалитет е многу поблиска на Црна Гора и Македонија и многу лесно може да се случи некоја од овие две селекции да ја изненади Словенија. Верувам дека и двајцата селектори и Рогановиќ и Лазаров така размислуваат – ќе загубиме од Данците, само да не биде со висока разлика, да покажеме добра игра и квалитет, а потоа со Словенија и Македонија, односно со Словенија и Црна Гора (кој селектор како размислува) тука да бараме помин во главната рунда – што е и реално!

Патриотскиот мотив е главниот адут на Црна Гора

Од мечот меѓу Македонија и Црна Гора ќе зависи многу продолжението на натпреварувањето. Црна Гора која е една силна натпреварувачка репрезентација и кај нив е многу присутен тој патриотски мотив, кои Црногорците секогаш го имаат. Имаат и две квалитетни постави на бекови, кои можат да одиграат на високо ниво – Шеваљевиќ, Стеван Вујовиќ и Бранко Вујовиќ, а втората е Милош Божовиќ, Божо Ангелиќ и Чавор. Тоа се две добри постави, имаат квалитетни пивотмени – Лазовиќ и Грбовиќ.

Можеби недостаток им е квалитетна замена на голот. По Симиќ тешко дека ќе имаат некој, а не знам колку тој ќе може да го издржи овој турнирски начин на натреварување и сметам дека тоа ќе биде проблем за нив и да одиграат квалитетна 6-0 одбрана. Ќе мора да ги користат и 5-1 и 3-2-1 одбраните кои во турнирски начин на натпреварување многу ги троши играчите. Во краток период играат многу силни натпревари. Но имаат мотив, Рогановиќ е млад, исто така е многу мотивиран, успешно работи во клубовите во Шведска и тоа е еден момент, таа балканско – шведска школа ќе видиме колку ќе успее да ја пренесе на тимот. Сепак, Црна Гора е силен тим и ќе видиме каков ќе биде епилогот од дуелот меѓу нив и Македонија, натпревар, кој ќе биде особено интересен за целото натпреварување…

Македонија за историја, првпат селекторот ќе биде и играч

Селекцијата на Македонија е репрезентација со млад селектор и можеби за првпат во историјата на едно големо натпреварување еден селектор ќе биде и играч, не знам дали се случувало тоа некогаш во минатото. Ќе биде многу интересно да се види како Кире ќе ги вклопи играчките и селекторските обврски. Тоа не е воопшто лесно. Паметам, иако тоа беше на едно друго ниво, кога во војска бев и тренер и играч на екипа на војничката чета. Многу е тешко од теренот да се носат вистинските одлуки, да се има мирна глава, но се надевам дека стручниот штаб кој го има ќе знае да му сугерира, да му помогне. Во секој случај интересна ситуација. Недостаток или мана е малиот број на играчи за квалитетна ротација. Кога Лазаров ќе биде изморен и мора да биде на клупа ги имаме Талески и Кузмановски, но ако дојде (не дај Боже) до повреда или до замор, многу е мал бројот на искусни играчи кои ќе знаат тоа да го изнесат.

Репрезентативците на Македонија на еден натпревар може да победат кој било. Тоа е квалитетна селекција, натпреварувачки силна, но во турнирски систем недостатокот на квалитетна ротација може да биде проблем. Има и играчи кои имаат сериозни години и на кои тој систем воопшто не им одговара. Од друга страна имаат два пикери – Стоилов и Пешевски, кои не играат одбрана и против репрезентација како Данска или Словенија кои многу трчаат тоа ќе биде голем недостаток. Ќе видиме колку ќе може да одговорат на игра брз центар или со многу трчање.

Не знам кои се целите на Македонија, што има поставено Кире, но претпоставувам, познавајќи го менталитетот и очекувањата на Македонците – пласман во следната рунда. Ќе биде многу тешко и ако Македонија се пласира во втората фаза тоа ќе биде одличен резултат за неа. Доколку не се пласираат мислам дека Кире има добра идеја, план, стратегија и дека во секој случај треба да продолжи со тоа што повеќе млади играчи да се афирмираат, да се заинтересираат за ракомет и само така може да се направи нешто. Мислам дека Данска има регистрирани ракометари, колку што Македонија има жители и затоа треба да се биде и објективен и да се сфати колку е самиот процес за пласман на едно Европско првенство комплициран, а потоа и да се остваруваат резултатите.

Македонија и Црна Гора се екипи во формирање

Да сумирам од оваа група Данска е репрезентација која според мене може најдалеку да стигне и да направи резултат. Словенците мислам дека нивниот максимум е пласман во втор круг, но јас би сакал конечно да ме демантираат и да влезат во некоја борба за медал, а Црна Гора и Македонија се екипи кои се во формирање, имаат добри состави, млади селектори и нив треба да ги поддржиме. Најважно е да покажат добар ракомет, да бидат креативни и да дадат сè од себе што сигурно народот ќе знае да го цени.

Скандинавците и Франција кандидати за полуфинале

Што се однесува до главната рунда, таму се вкрстува со групите Б и Ц. На СП се случува во продолжение да се најдат некои репрезентации кои немаат таков квалитет, додека на ЕП концентрацијата на квалитет е огромна. Не можете да ги потцените ниту Холандија, ниту Украина – може да се случи да ве победат. Унгарците се домаќини, многу, многу вложуваат во ракометот во последниве години, ги имаат и Веспрем и Пик Сегед кои се можеби и фаворити за пласман на Ф4 во Келн во Лига на шампионите и верувам дека ќе направат сè за да стигнат до добар пласман.

Хрватска (доколку се пласира, бидејќи ќе водат голема борба со Србија во групата, која исто така е квалитетна репрезентација) додека го има Домагој Дувњак ќе биде добра екипа. Србија по многу години покажува дека има состав и мотивација со кои може да приреди изненадување, ќе видиме колку ќе успеат. Вкрстувањето со ривалите кои ги очекуваат екипите од групата А е многу комплицирано и тешко и секоја победа во другиот круг би била голем успех. Самиот пласман во главната фаза би бил феноменален успех, а сè понатаму фантастично.

Главни фаворити според мене се трите скандинавски репрезентации и Франција, кои мислам дека ќе бидат полуфиналисти (иако морам да признаам дека не го анализирав добро вкрстувањето на групите). Изненадување може да биде Унгарија – квалитетен тим, Португалија е интересен тим, но не може да одигра квалитетно на големо натпреварување. Полска има квалитет, но мислам дека им фали карактер. Шпанија е за мене непозната затоа што направи неколку промени и не е веќе оној тим кој го знаевме. Германија има многу проблеми со откази, не знам што е проблем –  отпор кон селекторот, заморот на играчите или притисокот од клубовите. Хрватска и натаму не е каква што сака да биде, па од таму први фаворити се скандинавските земји и Франција.