Алушовски: Ќе разговараме, но најверојатно Стевче Алушовски повеќе нема да биде тренер на Вардар

Тренерот на Вардар, Стевче Алушовски после многуте титули како играч меѓу кои имаше и голем број на двојни, денеска дојде до двојна круна и како тренер така што се запиша меѓу оние тренери кои успеале да дојдат до пехарите во домашното првенство.

После средбата беше задоволен од направеното бидејќи успеа да дојде до одличен резултат.

„Ова ми е прва титула како тренер. Чест и задоволство ми е што работев со оваа група на момци. Ова е нивна титула пред сè. Ние сме тука да бидеме сервис на играчите. Одигравме 33 натпревари од февруари до денес, што е многу напорно бидејќи имаме мал ростер на играчи кои требаше да ги извојуваат главните битки. Прегорд сум на момците и на сите кои работат во клубот, помошниците, докторите… ова е една победа на сите. За жал сезонава одигравме без публика. Можеби спектаклот ќе беше поголем, но што е тука е. Се надевам и посакувам Вардар да освои уште многу двојни круни“, коментираше Алушовски.

Тој се потсети дека пред точно 28 години дојде до првата титула шампион на Македонија како играч.

„Секоја титула особено кога е прва е најдрага. Се сеќавам кога како играч уште во 1993 бев шампион на Македонија беше гордост и играчко задоволство. Сега е исто така, но како тренер. Едно е да си тренер друго е да си играч. Како тренер мора да се грижите за сите проблеми и да ги решавате. Тешка и чудна сезона, во време на корона одиграна без публика. Јас сум презадоволен и премногу горд на моите играчи“.

Имаше краток коментар и за неговата иднина со Вардар односно какви се шансите да продолжи со водење на „црвено-црните“.

„Имаме уште два натпревари против Металопластика, па ќе видиме за иднината. Ќе разговараме да видиме што и како, но Стевче Алушовски најверојатно повеќе нема да биде тренер на Вардар“, рече Алушовски во краткиот коментар.

Ова значи дека веќе следната седмица може да се очекува назначување на нов тренер на „вардарци“ и да се знае и официјално кој стратег ќе ги предводи во новиот шампионат.