Алушовски: Формата оди во нагорна линија, Ф4 ќе биде увертира за новата сезона во ЛШ

Во петок од 20:30 часот во Задар се игра второто полуфинале од Ф4 турнирот во СЕХА лигата, а Вардар за ривал го има добро познатиот противник од Хрватска, ППД Загреб. Ова е дуел на вечните во СЕХА бидејќи тоа се двете екипи кои се девет години во натпреварувањето и деветпати по ред на завршниот турнир.

Тренерот Стевче Алушовски пред заминувањето го искажа своето видување за она што претстои и смета дека тимот може да биде далеку подобар, но и дека натпреварот со Нексе бил предупредување.

„После поразот од Нексе кој за нас беше како победа и на кој Господ нè погледна и сакаше да бидеме учесници на овој Ф4 турнир по деветтипат направивме добра анализа на сè што одработивме до Нексе, заклучно со овој натпревар. Мислам дека дуело со Нексе е една голема опомена за сите нас, за тоа дека Вардар секогаштреба да биде Вардар, но играчкиот кадар и сето она што е ново во Вардар не нѝ дава за право против никого да бидеме повеќе прогласени предвреме за фаворити“, вели Алушовски.

Составот е изменет во однос на ланската сезона. Голем дел од играчите си заминаа, а притстигнаа многу нови.

„Имаме девет нови играчи, ракометари кои треба допрва да се вклопат во системот за игра и она што беше препознатливо за Вардар во изминатите години. Нè очекува Ф4 во Задар против екипта на Загреб која не се прослави многу на натпреварите кои ги играше во подоготовките. Натпревар, кој е балканско дерби и со години наназад се игра на топка до две без разлика какви се составите на екипите. Свесни сме за тоа“.

Направена е анализа и јасно е дека в петок ќе биде даден максимумот. Се очекува пласман во финалето, а дали ќе биде така останува да се види.

„Ги анализиравме добро, се подготовивме добро за овој Ф4 прво за Загреб, а потоа ќе видиме. Ако е финале ќе се подготвиме за противникот кој ќе ни дојде во финалето. Она што треба да го нагласиме е дека Вардар од ден во ден оди во нагорна линија според мене и очекувам дека овој Ф4 ќе биде успешна увертира за она што ни претстои на 16 септември на првиот натпевар од Лигата на шампионите против Мешков Брест кој е учесник на Ф4“, изјави тренерот на вардарци.

Екипата на Вардар отпатува за Загреб денеска, а утре оттаму патува за Задар каде од петок до недела ќе биде одржан деветтиот Ф4 турнир во СЕХА лигата.