Алушовски: Се обидовме да го изненадиме Веспрем, но не нѝ успеа

Екипата на Вардар не успеа да ја одбрани титулата во СЕХА лигата, па после 9. фајнл фор на лидерското место се најде составот на Веспрем кој дојде до третата круна.

Вардарци од денеска се вицешампиони, па во новата сезона ќе имаат притисок помалку. Сепак, после денешниот натпревар може да се има вистинската слика за квалитетот, а тренерот Алушовски после средбата го кажа своето видување.

„Се обидовме да одиграме 7 на 6 и требаше што побрзо да се враќаме назад во одбрана. Добро е познато дека Веспрем има одлична транзиција. Се обидовме да ги изненадиме, но тоа не нѝ успеа. Се обидовме да се вратиме 6 на 6, но во овој момент Веспрем е многу поквалитетен тим. Покрај тоа има подолг и поквалитетен ростер и затоа јас им честитам на сосема заслужениот пехар во СЕХА лигата“, изјави Алушовски после средбата на прес-конференцијата.

Инаку, Веспрем беше во водство од првата минута и постојано беше во позитива така што Вардар во ниту еден момент не успеа да израмни или да се доближи на помалку од 2-3 гола после почетните 0:3.