Алушовски: Притисок секогаш имало, но само да бидеме подобри на терен

Откако пред два дена од ЕХФ изработија листа на тренери кои ќе бидат под најголем притисок во новата сезона, стратегот на Вардар, Стевче Алушовски го даде своето видување на она што се случува.

Тој вели дека единствениот негов притисок е да ја унапреди играта и дека во моментов резултатите не се притисокот кој го има како што се вели во коментарите од ЕХФ.

„Секоја тренерска работа има притисок. Во овој момент по сè што се случуваше, одлив на многу играчи, а дојдоа нови, очекувањата на јавноста се големи. Има разлика во составот од претходно и сега. Немам притисок во однос на тоа дека ако не дај боже нема резултат веднаш ќе бидам сменет. Најголем притисок ми е да се унапреди играта, да бидеме подобри од она што сме биле. Ние ги кажавме амбициите. Притисок секогаш имало и ќе има, но само во смисол на бидеме подобри“, вели Алушовски.

Првиот натпревар после подготовките екипата на Вардар ќе го има денеска против Охрид на турнирот во Струга, но првата официјална средба е закажана за 29 август кога во Скопје доаѓа Нексе на реванш натпреварот од минатата сезона во СЕХА лигата.