Алушовски: Почетничките грешки од Порто не смеат да ни се повторат в недела

Ракометарите на Вардар се наоѓаат пред нов дуел од Лигата на шампионите, а после новото одлагање на две средби конечно в недела ќе биде одигран натпревар и тоа против составот на Пик Сегед во Скопје.

Тимот од Унгарија доаѓа со желба за бодови во СЦ „Јане Сандански“, но истото го сакаат и „црвено-црните“. Тренерот Алушовски смета дека момците се подбготвени и очекува од нив да го покажат најдоброто на теренот.

„Не очекува тешка борба за двата бода. Пик Сегед без разлика на резултатите кои ги постигна во првиот дел од полусезоната е многу квалитетен тим, состав кој претендира да игра на Ф4 турнирот. Меѓутоа ние добро ги анализиравме и имаме уште два дена да се подготвиме за противникот и за она што не очекува како во играта во одбрана така и во напад. Се надевам дека позитивно ќе одговориме на сите задачи односно момците ќе ги исполнат сите задачи кои ќе бидат договорени пред натпреварот“, вели Алушовски пред дуелот против Пик Сегед.

Тој е очекува добар резултат, но пред сè добра игра. Воедно очекува дека нема да бидат повторени грешките кои беа направени на средбата против Порто.

„Оптимист сум и сакам да се претставиме во едно добро светло. Сакам да видиме до каде сме. Не смеат да се повторат оние почетнички грешки против екипата на Порто кои нè чинеа два бода. Имаме уште два дена да одработиме квалитетно и добро да се подготвиме и в недела во 18 часот подготвени да го пречекаме Пик Сегед“, коментира тренерот на Вардар,Стевче Алушовски.

Натпреварот в недела се игра од 18 часот во СЦ „Јане Сандански“ и ова ќе биде само седми натпревар кој ќе го одигра Вардар во Лигата на шампионите сезонава.