Алушовски: Нема да потцениме никого, ниту да прецениме, целта ни е Топ 8

Тренерот на Вардар, Стевче Алушовски после денешната ждрепка имаше свое видување за ривалите кои „црвено-црните“ ги добија во групната фаза од Лигата на шампионите.

Добро познати тимови со кои сигурно нема да биде воопшто лесно, а тоа го потврдува и стратегот на „црвено-црните“.

„Добивме исклучително тешка група каде нема лесен противник. Секој може да победи против секого. Можеби ПСЖ е фаворит, но сите други се со исти шанси. Нема да има лесен натпревар, а ние ќе одиме чекор по чекор. За нас првиот план е пласман во Топ-8 екипи. Ќе се потрудиме да го оствариме тоа. Не сме екипа што ќе потцениме некого ниту, пак, ќе прецениме“, коментираше Алушовски.

Важно ќе биде и каков ќе биде распоредот, односно против кој состав ќе се влезе во новата сезона и истата ќе биде отворена така што јасно е дека претстои долга и напорна сезона.

„Сега ни преостанува да анализираме. Ќе мора добро да се работи за време на подготовките Треба да го видиме планот и распоредот на одигрување на натпреварите. Да се види кога почнуваме и против кого. Не се плашиме од никого“, вели Алушовски.

И во оваа сезона Вардар ќе влезе како шампион со оглед на тоа што уште не е одигран завршниот турнир за сезоната 2019/2020.