Алушовски: Немаме време за жалење, верувам во Вардар!

Ракометарите на Вардар кои се рекордери по бројот на титулите во СЕХА лигата денеска ќе се обидат да дојдат до предност против Нексе за на реваншот на 15 март во Скопје да се обезбеди потврда за пласманот на уште еден Ф4 турнир во регионалната лига.

Вардар влегува во овој двобој како фаворит, но ќе мора да го оправда овој факт на теренот, па денеска и следната недела се очекуваат два интересни натпревари. Нексе е сериозен ривал и тоа се виде на двобоите против Еурофарм Пелистер, но Вардар знае како против овој тим и затоа се очекува уште денеска да се обезбеди убав резултат.

Тренерот Стевче Алушовски верува во неговиот тим.

„И покрај проблемите, ние сме актуелни шампиони и дојдовме во Нашице со полн ростер. Имавме мали проблеми со Тимур Дибиров, но немаме време за жалење. Нексе е анализиран, игра добро дома, одлични се во нападот седум на шест и солидни во одбраната. Имаат подолга клупа, но јас верувам во мојот тим. Сакаме да победиме“, изјави Алушовски.

Македонскиот тим би требало да настапи во полн состав, додека кај хрватскиот вицепрвак ќе недостигаат двата десни бека, Иван Сршен и Марко Бувиниќ.

Натпреварот меѓу Нексе и Вардар се игра денеска со почеток во 17:00 часот.