Алушовски: Недопустливо е за некои играчи да се однесуваат неодговорно!

Вардар низ иглени уши обезбеди место на завршниот турнир во регионалната СЕХА лига, откако загуби од Нексе со 25-26.

Пресуди победничкиот гол во Нашице од март кога вардарци славеа со 31-30.

Тренерот Стевче Алушовски смета дека Вардар бил посреќната екипа на овој натпревар.

„Бевме посреќна екипа од Нексе. Бевме многу неодговорни во ситуација седум на шест и фрливме многу топки во бунар. Мислам дека е недопустливо за Вардар кој има големи амбиции, за некои играчи неодговорно да се однесуваат, иако во најдобра намера ги правеле грешките. Мораме да учиме од нив, и да играме секој ден се подобро. Ме радува фактот што Дисингер беше оној стариот, меѓутоа во вториот дел за 21 минута дадовме само пет гола, сето тоа поради наши технички грешки, но тоа е спортот и јас им честитам на момците за местото на Ф4. Се надевам дека таму ќе бидеме многу подобри“, вели Алушовски.

Полуфинален ривал на Вардар ќе биде хрватскиот прак Загреб, а завршниот турнир ќе се игра од 4 до 6 септември.