Алушовски најави: Ќе се обидеме да им ги помрсиме сметките на помоќните

Екипата на Охрид вчера ги стартуваше подготовките за новата сезона, во која клубот влегува со сериозни амбиции. Екипата во новата сезона ја предводи некогашниот истакнат македонски репрезентативец Стевче Алушовски.

Покрај Алушовски во Охрид дојдоа и осуммина нови ракометари со кои тимот ќе брка плејоф, па и пласман во Европа. Лани завршија на 5. место, па сега амбициите се да се оди чекор напред.

Искусниот тренер од август, 2021 година, па до ноември, 2022 година, го предводеше тимот на Тор од Исланд. Тој сега повторно се враќа во македонскиот шампионат и со себе носи големо искуство, кое сигурно ќе му помогне во неговиот нов предизвик. Претходно беше тренер на Вардар и на Еурофарм Пелистер.

,,Од моето искуство од Исланд носам добри спомени. Исланд е една спортска нација, таму поминав една година и шест месеци, главната причина за моето заминување од Тор беше неможноста да се работи нормално на тренинг, тоа подразбира да имате најмалку шест бека на тренинг, да се работи на тактиката, техниката, малку беше несериозна работата од страна на управата, но секако, тоа беше едно добро искуство за мене. По враќањето во Македонија ги следев ракометните случувања, бев во контакт со раководството на Охрид, се договоривме на соработка и еве денес почнавме со подготовки”.

Алушовски истканува дека Охрид и по играта и по квалитетот на играчите ќе се разликува во однос на минатата сезона.

,,Во модерниот ракомет треба да играте и на трчате брзо, сепак, се зависи од ростерот што го имате. Ние како клуб се потрудивме да составиме добар и квалитетен тим, направивме една добра селекција на играчи, на секоја позиција имаме по двајца играчи со слични квалитети и мислам дека Охрид ќе биде многу поразличен од минатата сезона”.

Иако Охрид стартуваше со подготовки, не е исклучена можноста во тимот на пристигне нов играч.

,,Што се однесува до ростерот, имаме уште едно слободно место, посакуваме, нормално доколку излезе можност на трансфер пазарот за ангажирање на десен бек. Останатите играчи кои го засилија Охрид, секој од нив има одреден квалитет. За Ојлески и Кускоски не треба да се трошат зборови, бекот Орјоникидзе е екстра квалитетен играч, минатите две сезони играше за Кокс, исто така и Сафранко има искуство во себе, ги има минато сите младински селекции на Хрватска, голманите Ѓорѓески, Ристовски и Бркиќ и останатите засилувања имаат голем потенцијал, тука од минатата сезона се Бојаниќ, Шешиќ, Дрогришки…направивме еден поконкурентен тим”.

За Алушовски како тренер пласманот во Европа би бил успех, но клубот ќе се потруди да оствари солидни резултати и против поквалитетните екипи.

,,Јас сум тренер кој што имам високи цели и кој сакам да победувам. За нас во оваа сезона ќе биде успех доколку избори пласман на европска сцена, тоа се и целите на клубот. Ние имавме повеќе среќа во ждрепката за регуларниот дел, но не ги потценувам останатите ривали, ќе се потрудиме да им ги помрсиме сметките на многу помоќни тимови од нас”.

Новиот тренер на Охрид со свое видување за најавените промени во системот на натпреварувањето во елитата.

,,Имаше многу полемики околу системот дали да се скрати, дали да се оди со Суперлига А и Суперлига Б, мислам дека новиот систем или кратењето ќе донесе многу квалитет, фактички секоја сабота ќе има дерби дуел и тоа ќе биде вистинско уживање за ракометните љубители. Ние сме го имале тој систем на времето, секако дека е добар. Од тоа што го знам, 99% од клубовите се за промена на ситемот и јас го поддржувам тоа”.

Амбициозниот Охрид означи старт на подготовките (ФОТО)