Алушовски: Имаме убави шанси, но мора да го запреме Маласинскас

После победата против тимот на Елверум во Лигата на шампионите ракометарите на Вардар немаат време за пауза бидејќи утре ќе го имаат третиот предизвик сезонава во СЕХА лигата.

„Црвено-црните“ гостуваат во Украина и ќе играат против Мотор, а јасно е дека нема многу време за подготовка туку мора да се подготвува тактика во брзање.

„Имавме тежок дуел со Елверум кој и психички и физички нè исцрпеа. Малку време за да се подготвиме за Мотор. Патуваме за Запорожје преку Истанбул, а денеска ќе имаме тренинг пред дуелот кој се игра утре. Мотор е квалитетна екипа која има забележителни резултати во Лигата на шампионите, а игра модерен и брз ракомет со многу транзиција и многу трчање“, вели тренерот Стевче Алушовски.

Тој има подготвено стратегија односно добро знае каде ќе мора да се внимава за да се извади максимумот на овој дуел и да може да се дојде до позитивен резултат.

„Во однос на минатата година имаат нов тренер и нови играчи кои прераснуваат во носители на играта. Најважно е како ќе се справиме со Маласинскас кој е мотор на тимот и сè тргнува од него. Не сме без шанси. Ќе дадеме максимум за да дојдеме до позитивен резултат и да се радуваме и во сабота“.

За разлика од последниот натпревар во тимот на Вардар ќе има само една измена така што на теренот ќе се види главно истиот состав кој донесе победа во Лигата на шампионите.

„Во составот во однос на дуелот против Елверум од средата има една измена. На местото на Јагуриновски, ќе биде Стефан Атанасовски, кој првпат ќе биде со нас додека другите 15 се истите. Јагуриновски и во средата беше само да се пополни бројот до 16 бидејќи не може да игра поради оток на шутерската рака“, рече Алушовски.

Ова е дуел од 3. коло од СЕХА лигата, а се игра во Запорожје. Натпреварот се игра утре, а почнува од 20:15 часот.