Алушовски: Имавме глупави исклучувања и грешки во финишот, се надевам ќе победиме во среда

Ракометарите на Вардар не успеаја да стигнат до прва победа во 2021 година во Лигата на шампионите.

Иако водеа со плус четири, сепак на крајот мораа да се задоволат само со бод против норвешкиот првак Елверум.

Тренерот Стевче Алушовски вели дека глупавите исклучувања и грешките во вториот дел беа клучни за пропуштената шанса за победа.

„После секој натпревар доаѓаме на истото дека промашивме многу клучни шутеви. Знаевме дека Елверум е тим што многу трча и имаат добра транзиција. Но во првиот примивме дури 21 гол и не ги спречивме да постигнуваат лесни голови, а тоа е премногу за ЛШ. Во вториот дел благодарение на Кизиќ направивме разлика од четири гола, но имавме премногу глупави исклучувања и неколку грешки, немавме решение за нивата 5-1 одбрана, нашите бекови беа статични. Се надевам дека ќе играме подобро и ќе победиме во среда“, вели Алушовски.

Следниот натпревар на Вардар во ЛШ ќе биде исто така против Елверум на 24 февруари во Скопје.