Алушовски: Вујовиќ ми е голем пријател, не би коментирал шпекулации

Тренерот на Вардар, Стевче Алушовски уште при првата изјава за новата сезона мораше да одговара и на „жешки“ прашања, а едно од нив беше поврзано и за Веселин Вујовиќ, кој во една ситуација беше споменат како можен нов тренер на Вардар.

Алушовски вели дека ја има поддршката од раководството и дека ова се само шпекулации.

„Јас ја имам целосната доверба од раководството особено од претседателот Михајловски. Заедно со него составувавме екипата. Како и секој тренер во екипата може да ме задржат само резултатите. Јас имам одлични релации со Михајловски и тоа трае уште од 2000 година кога дојдов во Скопје и почнав да играм за Вардар каде бев десет години. Низ медиумите се појавија информации околу доаѓањето на Веселин Вујовиќ. Не гледам зошто би коментирал нешто околу тоа бидејќи тоа се само шпекулации. Вујовиќ е мој голем пријател. Имав одлична соработка со него додека тој беше мој тренер и не би сакал да шпекулирам сега нешто околу тоа“, вели тренерот на вардарци, Алушовски.

Инаку, во тренерскиот тим на Алушовски остануваат Дејан Периќ како тренер на голмани и Даниел Јуришиќ како кондициски тренер. Помошник на Алушовски ќе биде Владо Недановски.