Алберто Ентрериос: Со брат ми се гледаме само на меѓусебните натпревари

Натпреварот на неделата се игра во Палатата на спортовите во Нант, каде што Нант и Кире Лазаров го пречекуваат тимот на Барселона. Овој дуел не е само обичен натпревар од Лигата на шампионите, туку и повторна средба на двајца браќа и легенди на шпанскиот ракомет.

Алберто Ентрериос како тренер на Нант ќе се спротивстави на неговиот помлад брат Раул Ентрериос кој сè уште го носи дресот на Барселона. Интересно е што браќата имаат многу малку време за семејно дружење, па нивните средби се сведени само за време на натпреварите кога нивните екипи играат меѓусебе.

„Средбата со брат ми ме радува многу, бидејќи овие натрпевари се единствената можност да се видиме. И двајцата сме секогаш на пат, па секако ќе потрошиме неколку минути за да поразговараме“, вели Алберто Ентрериос.

Покрај тоа што Алберто е на тренерската позиција на Нант и понатаму со големо внимание ги следи натпреварите на својот брат. Постариот брат секогаш бил пример за помалиот Раул и секој меѓусебен натпревар има посебно значење.

„Уште сум на терените, а тој е на клупата. Порано нашите средби беа покомплицирани бидејќи и двајцата играме физички еден против друг. Тој беше мојот пример уште од мал, му се восхитував бидејќи беше играч кој секогаш ги слуша своите соиграчи што имаат да кажат. Алберто беше многу важен за мојот ракометен развој како играч“, истакна Раул Ентрериос.

Помладиот брат од семејството Ентрериос планира да ги следи стапките на својот брат во тренерската работа откако ќе ја заврши играчката кариера.

„Веќе сум на добар пат да се префрлам на другата страна, на клупата и тоа е она што го очекувам во Барселона. Тактичката страна на ракометот од секогаш е она за кое што сум заинтересиран“, заврши Раул.

Средбата помеѓу браќата Ентрериос започнува во четврток од 20:45 часот во рамки на третото коло од Лигата на шампионите.