Ако Македонија слави над Фарски Острови, полуфиналето е на дофат

Младинската женска репрезентација на Македонија стартуваше со убедлива победа над Босна и Херцеговина со 11 погодоци разлика, 39-28, а денеска е ден за одмор за избраничките на Љубомир Савевски.

Според тоа што го видовме вчера на првиот ден и на вториот меч од нашата група Б, јасно е дека Холандија е првиот фаворит, со оглед на огромната победа над слабата селекција на Косово.

Доколку нашите младинки слават над Фарски Острови, со една нога ќе бидат во полуфинале, а ќе им остане само формален натпревар против Косово, додека против Холандија би се бореле за првото место во групата.

Во другата група А, Полска и Белорусија, се фаворитите за првите две позиции, па доколку играме во полуфиналето, меѓу нив би го барале ривалот. Првото место на овој ЕХФ шампионат носи место на Мундијалот за ракометарки до 20 години следното лето, додека со второ место би играле дополнителни квалификации за истиот настан.

Натпреварот меѓу Македонија и Фарски Острови се игра утре во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 20:30 часот, додека в среда и четврток се битките со Холандија и Косово.