Ако коронавирусот пак прави проблеми, во Франција ќе се игра по групи

Во многу национални првенства од почетокот на новата сезона корона вирусот продолжува да прави проблеми. За таа цел ракометната федерација на Франција има подготвено алтернативно решение доколку вирусот предизвика многу прекини на првенството.

Федерацијата предлага формат за плеј-офот во кој екипите ќе бидат поделени во четири групи. Ваквиот формат би се применувал во втората половина на првенството, односно во случај до 20 декември да не бидат одиграни доволен број натпревари, објави lequipe.fr.

Во таква ситуација, шампионатот ќе продолжи во групна фаза со групи од четири екипи, каде што ќе следува мини-плејоф и плеј-аут. Првите екипи од четирите групи ќе се борат за шампионската титулата преку полуфинале и финале.

Пласманот во првата фаза ќе послужи само за одредување на групите. Првите четири екипи ќе бидат во различни групи. Ваквиот формат ќе го намали бројот на натпревари на 10 наместо 16 и ќе се организира во затворени услови без гледачи.