Аеродром и Вардар Неготино одиграа трилер меч и си поделија по еден бод!

Ракометарите на Аеродром и Вардар Неготино одиграа интересен натпревар, кој на крајот заврши 23-23, а двете екипи си поделија по еден бод. За гостите овој бод не значи многу, но за домашните значи чекор поназад во борбата за првите две позиции на табелата во прволигашкиот плеј-оф.

Неготинци отворија со водство од 1-7 и најавија дека се дојдени по триумф во Скопје. Но домашните не помислија лесно да се предадат. Гостите до крајот на полувремето дадоа уште два гола, а Аеродром осум и на пауза се замина со реми, 9-9.

Во второто полувреме имаше дури 12 израмнувања на резултатот, а водеа со по еден гол и едната и другата екипа. Во последната минута се влезе со 22-23 за Вардар Неготино, имаа гостите и напад но погрешија.

Аеродром тргна во контранапад, Минов направи фаул за исклучување, трето за него и доби црвен картон. Следуваше пенал за Аеродром, кој го реализираше Михајлов за 23-23. Во последните петнаесетина секунди Вардар Неготино не успеа да организира добар напад.

Најдобри стрелци во Аеродром беа Михајлов со девет и Митревски со четири погодоци, додека кај Вардар Неготино се истакна Пеовски со седум гола.