Аеродром имаше негатива од четири гола, а потоа…

После вчерашниот пораз од Драчево составот на Шампион претрпе и нов овој пат од тимот на Аеродром. Ракометарите од Аеродром славеа со 41:27 така што се изборија за нови три бода и остануваат на врвот на табелата во Групата А.

Средбата беше подобро отворена од ракометарите на Шампион. Тие тргнаа далеку подобро во овој натпревар и успеаја да стигнат до водство од 9:5 во 12. минута. Овој резултат најавуваше натпревар во кој Аеродром ќе мора да го засили ритамот за да се избори за нешто повеќе.

Тоа се случи за само шест минути. Од 5:9 играчите на Аеродром стигнаа до 11:9 и ова беше клучниот момент во натпреварот бидејќи набрзина постигнаа шест гола и не примија ниту еден со што стигнаа и до водство.

Предноста беше и повеќе од доволна за да може во продолжение да се одигра на посакуваното ниво и да се дојде до бодови.

На полувреме предноста беше 19:14 за Аеродром, а овие пет гола во вториот дел беа причина играчите на Шампион да се обидуваат да реализираат брзо. Таквата игра не им даваше резултат бидејќи секоја грешка беше казнета со контра и лесен погодок што на крајот резултираше со висока победа на Аеродром од 41:27.

АЕРОДРОМ –ШАМПИОН           41:27(19:14)

Сала: „Круме Кепески“ во Скопје. Судии: Виктор Начевски од Скопје и Даниело Божиновски од Битола. Делегат: Ацо Николовски од Скопје.

АЕРОДРОМ: Куртановиќ, Павличковски, Богдановски, Ивановски 1, Михајлов 7, Наумовски 1, Табаковски, Попов, Маркудов 5, Рачевски 3, Љубевски 3, Петрески 1, Стојановски, Пејковски 1, Ефтимов 13, Митревски 6.

Седмерци: -, Исклучувања: 16 мин.

ШАМПИОН: Петкоски, Димовски, Ивчески, Игнов 1, Мишоски 1, Дрпљанин 5, Миноски, Стефановски 1, Јанакиевски 1, Налетовски 2, Мојсовски 3 Марковски 4, Миланов 4, Стојановски 4, Манојлоски 1, Станиќ.

Седмерци: 4/6, Исклучувања: 8 мин.