Аеродром го освои Куманово

Тимот на Аеродром ја продолжува борбата за врвот на табелата во прволигашкиот плеј-оф, a во последниот натпревар славеше убедливо на гостувањето кај ослабениот Куманово со 22-31.

Домашните беа во игра до 8-10 во првите дваесетина минути. Потоа до крајот на полувремето не постигнаа ниеден гол! Аеродром погоди шест пати до паузата за убедливи 8-16.

Вториот дел беше само рутинско одработување на задачата, па немаше никакви возбудувања. Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Мартин Табаковски со осум и Иван Митревски со шест погодоци, а во Куманово, Андреј Миладиновски даде шест.

Аеродром сега има 15 бода и се наоѓа на третото место заедно со Драчево кој има исто толку, втор е Скопје со 19 бода, а на првото место се наоѓа Шампион со 20 бода на шест кола до крајот.