Аеродром го намачи прволигашкиот лидер

Тимот на Мулти Есенс ја продолжи победничката серија во прволигашкиот плеј-оф, откако славеше против Аеродром со 28-26, иако гостите пружија силен отпор и беа во игра до самиот крај.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Јорданов со девет и Димитар Узунчев со осум погодоци, додека кај Аеродром по четири гола дадоа Пајкоски, Митревски и Трифуновски.

Домаќините водеа со 14-12 на паузата, потоа и во вториот дел со 17-14, но упорните аеродромци израмнија на 18-18. Серија нивни грешки беше причина прволигашкиот лидер одново да отиде на плус три, 24-21 на десетина минути до крајот.

Избраниците на Дарко Петровски се погрижија за возбудувања во финишот. Израмнија на 25-25, беше и 26-26, но клучна беше одбраната на Ерманоски при резултат 27-26. Домаќинот тргна во напад и преку Димитар Узунчев ја завери новата победа.

Мулти Есенс e прв со 36 бодови, Драчево е на второ место со 28, додека Аеродром останува трет со 25 бодови.