Аеродром го надигра Металург РА

Екипата на Аеродром во натпревар од 4. коло од Првата лига успеа да го надигра Металург РА и да триумфира со седум гола разлика, 38:31 (13:17). Иако во составот на Металург РА настапи и тренерот Миле Бочкаровски, сепак, тоа не беше доволно за поволен резултат на тимот од Автокоманда. За Металург РА ова беше прв пораз во годинешната сезона, а Аеродром ја забележа втората победа.

До 20 минута од натпреварот двете екипи имаа подеми и падови, играта беше проследена со многу осилации, но Металург РА беше тимот, кој почесто беше во водство. Во последните десет минути од првиот дел Аеродром ја направи клучната разлика, го презеде водството и до крајот на натпреварот ја имаше контролата на теренот. По нерешениот резултат од 11:11, избраниците на Петровски направија серија од 3:0, се одлепија на 14:11 и на полувреме заминаа со активен резултат од 17:13.

Составот на Металург РА во второто полувреме целосно капитулираше и само преку најрасположените Бочкаровски и Кобеиси доаѓаше до погодок, но двајцата не можеа сами да се носат против расположените ракометари на Аеродром, кои постепено градеа резултатска предност и со одличната игра се одлепија на 26:18 и рутински го водеа мечот кон убедлива победа.

Предводници во екипата на Аеродром беа Никола Анакиевски со осум и Никита Стојановски со шест гола. Аеродром на овој натпревар настапи без еден од клучните ракометари Давид Олтовски. Кај Металург РА најефикасни беа Али Кобеиси и Миле Бочкаровски со девет, односно осум гола.