ЦСКА не доби дозвола за влез во Франција, дуелот против Мец под прашалник

Стартот и на новата сезона во Лигата на шампионите нема да мине без проблеми така што се чини одново ќе има одложени натпревари поради протоколите кои одредени земји ги имаат со коронавирусот.

Под прашалник е дуелот меѓу Мец и ЦСКА Москва бидејќи екипата од Русија за која игра Сара Ристовска нема дозвола за да патува за Франција без ритоа да мора да мине десет дена во изолација.

Од клубот се обратиле до противникот, но Мец задоцнил со реакцијата до властите и сега единствената опција за ЦСКА Москва е да допатува во Франција на денот на натпреварот и веднаш после истиот да си замине што не одговара за клубот поради авионските конекции.

ЦСКА Москва понудила две опции. Едната е натпреварот да биде одигран на неутрален терен во Будимпешта, но тоа било експресно одбиено од Мец. И вториот предлог исто така бил одбиен, а според него од ЦСКА понудиле овој натпревар да се игра во Русија, додека тогаш кога ќе треба да играат во Москва да играат во Мец. Сепак, и ова не одговара на клубот од Франција, па сега на потег е ЕХФ.

Поради немањето дозвола за влез во Франција и непречено извршување на обврските се бара одлагање на натпреварот од страна на Европската ракометна федерација. Од ЕХФ уште нема одговор, но јасно е дека ЦСКА Москва нема да може да патува во Франција овој викенд кога се игра 1. коло од новата сезона.

Натпреварот е закажан за в недела од 16 часот.