Еден од учесниците на Ф4 турнирот во женска конкуренција е некогашниот европски гигант ЖРК Вардар. Вардарки за ривал во единственото полуфинале кај дамите го имаат тимот на Ѓорче Петров, кој е истакнат фаворит на Куп завршницата.
Вардар во дуелите со Ѓорче Петров во суперлигашкиот плеј-оф покажа дека има тим за парирање, надигрување, но и тим за победа. Иако, Ѓорче Петров ги доби дуелите против „црвено-црните“, сепак, тие беа минимални.
Тренерот на Вардар, Александар Царчев, очекува неизвесен дуел со тимот на Симовски.
,,Со екипата на Ѓорче Петров одигравме два натпревари оваа сезона и во двата натпревари до 57-минута бевме во егал и борба за бодови, кои што ги изгубивме на наши грешки. Ѓорче Петров го познавме одлично, со екипата имавме неколку заеднички тренинзи во есенскиот дел и игравме пријателски натпревари. На овој дуел ќе одлучува една или две топки и ќе победи екипата која ќе биде повеќе пофокусирана и помотивирана”, изјави Царчев.
Вардар во ланската сезона не обезбеди пласман на Ф4 турнирот во Купот на Македонија, па така годинешното учество меѓу најдобрите екипи го потврдува фактот дека во поранешниот македонски шампион се работи напорно
,,Успех за Вардар ќе биде играње во финале, тоа ќе биде трето финале во последните пет сезони и се надевам на трета среќа, односно прв трофеј после некогашниот ѕвезден тим. Оваа недела девојките тренираа одлично, се подготвуваме на тактички план и можам да кажам дека сите се ведри и расположен за надигрување со пријателскиот тим на Ѓорче Петров со кого имаме одлини релации”, заврши Царчев.
Во составот на Вардар за натпреварите од Купот нема да биде левиот бек Магдалена Тошевска, како и десниот бек Наталија Максимовска поради приватни причини.
Денешното полуфинале меѓу Ѓорче Петров и Вардар ќе се одира со почеток од 20:00 часот во СРЦ „Билјанини извори“ во Охрид. Финалето кај дамите е закажано за в сабота, со почеток од 15:00 часот.