Селекцијата на Украина загуби во последниот квалификациски натпревар за ЕП од Чешка со 27-22 и остана на третото место во групата.
Украинците имаа само еден освоен бод во двомечите со Чешка и Русија и не веруваа дека ќе биде доволен да обезбедат ново учество на континенталниот собир. Но стигна „подарок“ од Скопје – Македонија ја победи Швајцарија и ги „испрати“ Украинците на ново ЕП. Ако Швајцарците славеа или ремизираа со Македонија, Украина немаше да обезбеди место на ЕП.
Капитенот на Украина, Захар Денисов, вели дека разочарани по поразот отишле во соблекувалната и не се ни надевале дека нивните конкуренти за најдобри третопласирани исто така загубиле на натпревари.
„Загубивме и мислевме дека со еден бод нема да одиме на ЕП. Моите соиграчи во соблекувалната почнаа да проверуваат на интернет, а јас бев скептик и им кажав – немојте да гледате, не може да одиме на ЕП со еден бод. Но дел од нив беа упорни и продолжија да следат резултат и стана јасно дека ќе играме на ЕП. Почнавме да се радуваме. Среќен сум поради федерацијата, момците…Направивме голема работа“, вели Денисов за веб сајтот на украинската федерација.
Украина по 20 години пауза, пред две години се врати на ЕП, а сега врза и две по ред со пласманот во Унгарија и Словачка.