Станковски останува и в година тренер во Косово – целта е борба за врвот

Откако направи комплетна ренесанса, и организациска и играчка, македонскиот тренер Аце Станковски се договори и следната сезона ќе биде на „печалба“ на Косово како предводник на екипата на Кастриоти. Лани тимот играше во финалето на Купот на Косово, а за малку не влезе во плејофот за титулата, управата на клубот сака да продолжи со игрите кои би требало да им донесат и чекор напред следната сезона.

„За неколку месеци направивме многу со екипата, па иако немавме најконкурентен тим успеавме да играме за трофејот во Купот, и за малку не влеговме меѓу четирите најдобри тимови. Но, ионака нашиот заеднички план беше консолидирање на тимот, застанување на нозе и потоа да одиме чекор напред. Сега останува да се подготвиме за следната сезона. Очекувам и некои засилувања да бидат ангажирани, и полека да ги реализираме плановите, вели Станковски.

Тој беше интересен и за некои македонски тимови, кои во меѓувреме го контактираа, но поранешниот репрезентативец на Македонија реши да ја продолжи тренерската кариера на Косово. Бил малку и изненаден од интересот за ракомет таму и постојаното подигање на квалитетот.

„Ракометот постојано оди во нагорна линија на Косово. Се вложува доста во создавање на конкурентни екипи, и се повеќе млади тренираат. Кастриоти сака да биде уште посериозен во иднина, а тоа беше знак дека треба да продолжат со работата што ја почнав на полусезона. Имам понуди од некои екипи во Македонија, разговаравме, но решив да продолжам со Кастриоти каде создаваме тим, и играчи и организациски, вели Станковски.

Пред да замине за Косово, Станковски беше тренер во Вардар Неготино, претходно дел од стручниот штаб на Скопје, работеше и во Вардар Jуниор, во Вардар, женскиот тим на Вардар…Искуството зад себе, и играчко и тренерско го прават интересен за повеќе тимови.