Скапиот тим на Веспрем остана без Ф4 – Келце патува во Келн!

Тимот на Келце по триумфот над Веспрем од 31:27 во реванш дуелот од четвртфиналето од ЛШ, е третиот патник на Ф4 турнирот во Келн. И покрај милионските вложувања, раководството на Веспрем ќе треба да се помири со денешниот исход од Келце и за следната натпреварувачка сезона да направи вистински план и визија за подобрување на резултатите. Првиот дуел меѓу двете екипи заврши без победник, 29:29.

Претходно, настап на Ф4 турнирот во Келн обезбедија екипите на Магдебург и ПСЖ, кои во четвртфиналните дуели беа подобри од Висла Плоцк, односно Кил.

Избраниците на Талант Душебаев имаа одлично отворање на дуелот и веќе во воведните десет минути водеа со плус четири гола разлика, 6:2. Веспрем безуспешно го ловеше водството на домашниот тим, кој имаше расположени ракометари на секоја позиција, па така кон крајот на првиот дел од првото полувреме резултатот беше 8:4 во корист за актуелниот полски шампион.

Унгарскиот гигант до крајот на полувремето влезе во уште поголема криза, никако не можеше да се консолидира и барем резултатски да се доближи. Голманите на Келце, Волф и Корнецки немаа многу работа, бидејќи нивните колеги успешно го спречуваа налетот на Веспрем и не му оставаа ни најмал простор за позиција за гол.

Келце пред финишот од првиот дел дојде до уште поголема предност, зголеми на ,,плус пет” 15:10 и рутински ги одработи последните пет минути, во кои целосно ги казни грешките на ривалот и на пауза замина со максимална предност од шест гола разлика, 18:12.

На почетокот на продолжението ништо не се смени, во 35-та минута предноста на Келце беше плус шест, 20:14. Ракометарите на Веспрем во најголемиот дел во второто полувреме беа на негатива од минус пет и во нту еден момент не беа ни блиску да го стигнат водството на домаќините. Келце во 48-та минута избега на 27:19, а тоа значеше дека Веспрем ќе има тешка задача за евентуален пресврт, или пак за реми.

Најефикасни во победничката екипа со по шест погодоци беа Алекс Душебаев и Симон Сичко. Кај Веспрем се истакна екс ракометарот на Келце, Недим Ремили со седум погодоци.