Еден од најдобрите ракометари на Монпелје, Аргентинецот Диего Симонет после средбата против Вардар на која тој и неговите колеги се израдуваа на победа од 31:27 имаше причина да биде задоволен и да искоментира за она што се случуваше на теренот.
И тој како и асистентот Давид Дегој имаше пофални зборови за „црвено-црните“ така што на адреса на актуелниот освојувач на Лигата на шампионите имаше многу комплименти и покрај ваквиот епилог.
„Беше навистина специјално да се игра и да се победи против Вардар бидејќи тоа е клуб со голема традиција. Не беше воопшто лесно на овој дуел. Влеговме во натпреварот со голема желба за победа. Морам да ја потенцирам играта на Кизиќ кој бранеше одлично денеска. Исто така сакам да упатам и честитки за Вардар за играта која беше прикажана особено сега кога клубот се наоѓаво многу тешка ситуација“, коментираше Симонет.
Тој играше и на претходните дуели против Вардар во Лигата на шампионите, па одлично знае како е да се игра против „црвено-црните“ кога тие се во комплетен состав односно кога имаат далеку поконкурентен тим.