Потврда од Вардар: Браќата Њокас потпишаа за “црвено-црните”!

Француските браќа близнаци Кевин и Оливие Њокас се нови ракометари на македонскиот шампион Вардар.

Иако тие требаше да играат во Автокоманда за тимот на Металург, сепак ќе бидат “црвено-црни” најмалку една сезона.

Претседателот на Вардар, Михајло Михајловски, за 24Ракомет ги потврди најавите за новите аквицизии, кои ќе му се стават на располагање на тренерот Веселин Вујовиќ.

“Браќата Њокас потпишаа за Вардар и денеска ги добивме сертификатите за нивниот настап оваа сезона. Договорите се потпишани на една сезона, со можност да бидат продолжени за уште две сезони”, изјави Михајловски.

Кевин Њокас ќе ја зголеми конкуренцијата на десната бековска позиција каде што играат Јоел Куни Моралес, Томислав Јагуриновски и (се уште) Едуардо Гурбиндо, додека неговиот брат Оливие ќе биде нов конкурент на Филип Талески, Анте Кудуз и Бакари Диало.