Порто се врати од минус осум, но Кара и Душебаев не дозволија изненадување во Келце

Ракометарите на Келце избија на првата позиција на табелата во групата А од Лигата на шампионите, откако славеа над Порто со 32-30. Иако во вториот дел избраниците на Магнус Андерсон се заканија и намалија на минус два, сепак шутот за реми на Салина не беше реализиран и Келце казни на спротивната страна.

Водеше Порто само на стартот преку Мартинс со 0-1. Потоа Келце си го фати редот беше 4-1, имаат домаќините и плус седум, 11-4, па 13-5, но негативата беше преполовена до паузата.

Во вториот дел, брзите акции на Келце најчесто завршуваа со погодоци на Душебаев во мрежата на Кинтана и Митревски, па предноста беше најчесто три или четири погодоци.

По 29-25 во последните пет минути, Порто успеа да намали на 30-29, а беше и 31-30. Кога останаа да се играат уште триесетина секунди, домашните згрешија во нападот, топката стигна до Салин, но неговиот шут го одбрани Корнецки. Талант Душебаев викна тајм-аут, а неговите момци во последната секунда ги поставија конечните 32-30.

Најдобри стрелци кај победникот беа Душебаев со десет и Карачиќ со шест голови, додека кај Порто по шест дадоа Итуриза и Руи Силва. Голманот Никола Митревски собра седум интервенции.