Македонскиот шампион Вардар иако е пријавен, повеќе од сигурно е дека нема да игра следната сезона во групната фаза од ЕХФ Лигата на шампионите. Според информациите до кои дојде 24ракомет, на состанокот на Извршниот комитет на ЕХФ во петокот е донесена одлука Вардар да не добие дозвола за настап во европските купови, а со тоа и во лигата на шампионите.
За истата одлука веќе бил информиран и Вардар, и Ракометната федерација на Македонија, а во текот на неделава и официјално ќе биде потврдена со деталите поради кои е донесена ваквата одлука.
Од ЕХФ за 24ракомет потврдуваат дека „одлука постои, и истата ќе биде објавена деновиве“. На Вардар веројатно нема да му се дозволи да игра ниту во Лига Европа, а местото на Вардар во лигата на шампионите ќе остане празно.
Неплатените долгови на Вардар кон играчите што датираат од 2017година се причина за ваквата одлука. Иако лани ЕХФ условно го пушти Вардар во ЛШ, откако со 700.000 евра бе апокриени дел од побарувањата, а 300.000 евра остана како гаранција продолжи притисокот за исплаќање на долговите. Иако беше најавено дека до крајот на оваа сезона долговите ќе бидат покриени, истите не биле покриени во предвидениот рок.
Вардар е двократен европски шампион, а сега може да остане без местото во елитното натпреварување кое беше изборено на терен.