Утре започнува завршниот турнир во Купот на Македонија и не очекуваат два интересни полуфинални двобои. Вардар ќе се соочи со Металург, а Еурофарм Пелистер го чека дуел со Бутел Скопје.
Tренерот на бутелци, Кристијан Грчевски, верува дека можеби ќе биде „трета среќа“ во дуелите со битолскиот тим.
„Бутел Скопје секогаш игра за да победи…можеби ќе биде „трета среќа“ со Еурофарм Пелистер. Со оглед на тоа што првенството е многу изедначено како никогаш досега, сепак ќе имаме во предвид и тоа да се штедат некои играчи, да се ротираат што повеќе, бидејќи веќе во среда не чека многу важен дуел во Суперлигата. Бутел нема бело знаме, ракометот е игра со топка, па никогаш не се знае…Еурофарм Пелистер е фаворит како и досега, тоа е екипа што знае што сака и која ги казнува и најмалите грешки на противникот. Очекувам да одиграме добаар натпревар и се надевам дека јавноста ќе биде задоволна од прикажаното“, вели Грчевски.
Капитенот Бојан Спасовски исто така се надева дека Бутел Скопје може до сензација.
„Очекувањата се големи. Со оглед на тоа што Бутел два пати по ред се наоѓа на Ф4 во Купот, амбициите се се поголеми. Ривалот ни е добро познат, не треба многу да трошиме зборови. Станува збор за сериозна екипа, која со Вардар го држи врвот во македонскиот ракомет. Спортски е да се надеваме на победа и да стигнеме до сензациа. Ништо не е невозможно во спортот“, вели Спасовски.
Дуелот меѓу Вардар и Металург се игра утре од 16:30 часот, додека оној меѓу Еурофарм Пелистер и Бутел Скопје е на програмата од 19:00 часот.