Овче Поле СУ парираше 40 минути, Чаир ги освои бодовите во Свети Николе!

Екипата на Чаир во рамки од 2. коло од плеј-оф фазата во Женската лига ги освои бодовите на гостувањето во Свети Николе, откако триумфираше против Овче Поле СУ, со резултат 28:22.

За избраничките на Басри Љатифи триумфот над тимот од Свети Николе беше важен бидејќи со новите освоени бодови остануваат во евентуална игра за шампионската титула.

Ракометарките на Овче Поле СУ се покажаа како незгоден ривал, посебно во првиот дел, во кој умешно ги казнуваа грешките на гостинките од Скопје и во поголемиот период од првото полувреме беа во резултатска предност. Чаир во првите 30 минути ниту еднаш не поведе, но затоа во седум наврати доаѓаше до израмнување на резултатот.

По стартните 3:3, домаќинките имаа фуриозен налет, поведоа со 6:3 и до крајот на првиот дел водеа со еден до два гола разлика. Чаир не им дозволи на ракометарките на Бетувски да имаат целосна контрола и секогаш наоѓаа начин да дојдат до израмнување. По големата борба во првото полувреме, резултатот на пауза гласеше 11:10 за домашниот тим.

Гостинот на почетокот на вториот дел го презеде водството, најпрво израмни на 11:11, потоа дојде до 12:11 и до 40 минута не можеше да го скрши отпорот на мотивираниот домаќин, кој во последните дваесетина минути остана без две важни ракометарки.

Во 40 минута, црвен картон поради три исклучувања заработи Елена Вучевска, која до тој момент имаше три погодоци, додека во 51 минута, исто така поради три исклучувања натпреварот го заврши бедемот во одбраната Јована Конева.

Исклучувањето на Вучевска се одрази врз играта на домаќинките, така што Чаир започна постепено да се одлепува и да го води натпреварот кон сигурна победа. Гостинките во последниот период влегоа со предност од 20:17, искористија дел од техничките грешки на ривалот, зголемија на 23:19 и последните десет минути ги одигра рутински.

Најефикасна во победничката екипа беше Биљана Дамчевска со седум погодоци. Кај Овче Поле СУ се истакнаа Марија Галевска со осум и Јована Конева со четири реализации.