„Немаме пари како конкурентите, но Скубе ги прифати нашите услови“

Поранешниот Вардарец и освојувач на Лигата на шампионите Сташ Скубе ја игра последната сезона во дресот на Мешков Брест. Тој од следната сезона ќе се пресели во Полска и ќе игра во дресот на Келце.

Претседателот на Келце, Бертус Сервас го коментираше ангажирањето на словенечкиот ракоемтар. Скубе од наредното лето ќе го облече жолтиот дрес и ќе остане во Келце наредните три години.

„Среќен сум што успеавме да добиеме таков играч, го сметам за еден од најдобрите за својата позиција. Немаме толку пари како нашите конкуренти, но тој се согласи на нашиот предлог со што докажа дека сака да игра во Келце. Знам дека бројките во нашиот договор се помали, но Скубе сака да ја освои Лигата на шампионите и верува во нашиот клуб. Сега имаме многу средни бекови и некој мора да си замине. Ќе донесеме одлука следните два до три месеци, засега бев фокусиран да го донесам Сташ. Останува да поразговараме со Талант Душебаев и да донесеме одлука“, изјави Сервас за клупскиот сајт.

Исто така претседателот на Келце потврди и дека се во преговори со играч кој игра на левата бековска позиција и дека се блиску до договор. Најверојатно станува збор за играчот на Нексе, Халил Јагањац.