Некогашен младински репрезентативец го засили Голден Арт

Голден Арт продолжува да го засилува тимот кој изминатава сезона успеа експресно да се врати во елитното натпреварување со македонски играчи.

Некогашниот младински репрезентативец на Македонија, Пеце Рајатовски, кој ја напушти екипата на Голден Арт минатата сезона, односно кон средината на месец ноември и замина во Германија, во следната сезона повторно ќе го носи дресот на тимот предводен од Никола Матлиески.

Природна позиција на Рајатоски е десно крило, но во последните неколку сезони настапуваше на десната бековска позиција. Во својата кариера го носеше дресот и на Струга, Пелистер, Прилеп и косовски Кастриоти.

Раководството на Голден Арт претходно ги ангажираше и Мице Шилегов од Охрид, Дејан Гошевски од Тиквеш, Марко Трајковски од Прилеп и Петар Виларов од Јуниор КВ. Од клубот си заминаа Стефан Колоски, Никола Димитров, Петар Зафировски и Виктор Василевски.

Повратникот во Супер лигата во новата сезона ќе биде дел од групата Б заедно со Еурофарм Пелистер, Скопје, Пролет, Тиквеш, Еурофарм Пелистер 2, Јуниор КВ и Радовиш. Најдобрите четири екипи ќе обезбедат пласман во плеј-оф фазата, додека останатите ќе се преселат во плеј-аут групата.