Недановски пред Татран: Ќе направиме сè да се избориме за прво место во групата

Ракометарите на Вардар ги очекува третиот натпревар од регионалната СЕХА лига, а во Скопје гостува словачкиот првак Татран Прешов.

Тренерот на вардарци, Владо Недановски очекува далеку подобар натпревар од оној во Словачка и победа на „црвено-црните“.

„Пред десет дена одигравме натпревар со истиот ривал. Таму имавме уморни и нови играчи кои не беа доволно уиграни. Отворивме добро, имавме предност, но потоа и пад. Имавме и добри и лоши моменти во нападот и одбраната, но тој беше прв во СЕХА. Репрезентативците добија заслужен одмор, кој навистина им требаше, а потоа имавме неколку тренинзи во комплетен состав. Мислам дека сме подготвени за натпреварот во петок, ќе направиме анализа и ќе гледаме видео денеска, секако дека одиме на победа. Дали ќе биде над четири гола разлика колку што загубивме таму ќе видиме во петок, но ќе направиме се за да се бориме за првото место во групата. Мислам дека овој натпревар ќе биде далеку подобар од оној во Словачка“, вели Недановски.

Не е познато дали Вардар ќе настапи со најсилниот ростер, бидејќи десниот бек Моралес има повреда.

„Имаме повредени играчи, Моралес влече повреда, но тоа е што е. Дополнителен проблем е, но повредите се составен дел од спортот. Во првиот дел од сезоната немавме голем ростер, но сега имаме и новите ракометари од тренинг на тренинг се подобри и подобри“, заврши Недановски.

Натпреварот меѓу Вардар и Татран Прешов се игра в петок во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 18:00 часот.