Екипата на Нант го објави составот за следната сезона и комплетното реновирање на тимот така што веќе е јасно кои ќе бидат колегите на Кирил Лазаров за сезоната која што следува.
Во тимот на Нант има неколку нови ракометари со кои екипата ќе добие на нов квалитет што секако ќе донесе нови моменти. Новите ракометари сигурно ќе донесат и новитети во играта така што веќе е јасно и како ќе изгледа комплетниот состав кој го предводи Алберто Ентрериос.
На позицијата десен бек како поддршка Лазаров ќе ги има Милан Милиќ и репрезентативецот на Шведска, Линус Персон кој доаѓа од тимот на Иври, а потпиша договор со 2023 година. Од Мешков Брест доаѓа Александар Шкурински, а и неговиот договор е до 2023 година. На две години потпиша Португалецот Педро Портела од Трембле, додека тригодишен договор има репрезентативниот пивот на Шпанија, Рубен Марчан. Тој доаѓа во Нант од Адемар Леон. Голманот на Кретеј, Микаел Робин пред извесно време објави крај на кариерата, но се премисли, па потпиша едногодишен договор со Нант.
Кирил Лазаров е еден од оние што ги продолжија договорите. Веќе е познато дека тој продолжи уште една сезона, додека Шпанецот Валеро Ривера потпиша нов договор до летото во 2023 година. Левиот бек, Французинот Тибо Брие потпиша до 2025 година, додека една година помалку потпиша пивотот Тео Монар.
Од екипата заминуваат неколку ракометари. Едуардо Гурбиндо доаѓа во Вардар, а Оливие Њокас во Металург. Сирил Думолан и Матје Батај одат заедно во Трембле, додека Адриа Фигерас се сели во Шартр. Данецот Себастијан Аугустинусен кариерата ја продолжува во редовите на Штутгарт. Капитенот Рок Фелихо ја завршува својата кариера.
Во новата сезона Нант најверојатно ќе мора во Лигата на Европа, а таму сигурно ќе биде еден од главните кандидати за победа.