Мијатовиќ: Тиквеш оди кон врвот на мак-ракометот, очекувам неизвесна лига до крајот!

Едно од новите засилувања за тимот на Тиквеш од Кавадарци е левиот бек Срѓан Мијатовиќ, босански интернационалец со српски пасош кој има 25 години. Освен на левата, одлично се снаоѓа и на средната бековска позиција.

Иако релативно млад, Мијатовиќ, кој потекнува од Борац Бања Лука и кој таму играше до 2019 година, има солидно искуство на меѓународна сцена. Во сезоната 2019/2020 играше за Пуенте Хенил и Виља Де Аранда во Шпанија.

Потоа две сезони ги бранеше боите на финскиот Рихимаки Кокс, со кој беше дел и од Лигата на Европа и Европскиот Куп. Ланската сезона ја почна во италијанскиот Сасари, потоа замина во швајцарскиот Берн Мури.

Во пролетниот дел од сезоната настапуваше за швајцарскиот второлигаш Бирсфелден, каде што имаше одлично остварување и на 12 одиграни натпревари успеа да постигне 62 погодоци.

Во разговорот за 24Ракомет, Мијатовиќ открива дека пред да дојде во Кавадарци се консултирал со оние ракометари што ги познава од претходно, а сега се дел од кавадаречкиот тим.

„Јас со Симиќ и Стефановиќ се консултирав уште минатата сезона, имаше понуда за мој трансфер во Кавадарци, но тогаш не успеавме да се договориме. Оваа сезона започнавме да преговараме уште од почетокот, повторно се консултирав со Симиќ, Стефановиќ како и со Мајиќ, со кој игравме пред седум години во Борац, имав некоја слика за што се работи и ми се допадна тоа што екипата во последните неколку сезони е во прогрес, ми се допаднаа амбициите на клубот, едноставно, ме привлече амбиентот, односно позитивната атмосфера и тоа што сите се пријателски настроени, секако, играта е во прв план, но доколку не сме среќни надвор од теренот, сигурно и нашите натпревари нема да бидат добри“, вели Мијатовиќ.

Тој играше во Шпанија, Финска, Италија, Босна и Херцеговина, а кариерата го донесе и во Македонија, каде што има доаѓано како противнички ракометар.

„Имав некое искуство против македонски клубови во рамки од регионалната СЕХА лига и во Лигата на Европа, знам дека екипите во Македонија се квалитетни, имам доста пријатели кои играат овде. Во последно време, голем број клубови во Македонија вложуваат во ракометот и тоа е очигледно по резултати од минатата сезона. Алкалоид и Еурофарм Пелистер дојдоа до врвот на македонскиот ракомет, покрај Вардар, еве сега и Тиквеш се труди и се движи натаму, очекувам неизвесна лига до крајот, многу екипи се засилија, не само првите екипи, туку и поголемиот број клубови доведоа низа засилувања и мислам ќе биде неизвесно до самиот крај“, продолжи Мијатовиќ.

Левиот бек досега играл во клубови од мали градови во својата кариера и вели дека сака да игра во такви места каде што се живее за спортот и ракометот, а Кавадарци е токму таков град.

„И клубоите во кои играв досега не беа на некои големи места. Бев во Шпанија во место помало од Кавадарци, исто така и во Италија, Финска…сакам да играв во такви места, бидејќи луѓето живеат за спортот, живеат за ракометот, посебно во Македонија ракометот е главен спорт, видов дека салите се преполни со навивачи, навивачи кои не доаѓаат на натпревари само да бидат видени, туку навивачи кои се разбираат од ракометот, кои го пратат… од самите играчи слушнав дека доколку го оставиш срцето на теренот, навивачите ќе те сакаат, не се сомневам дека ќе биде добро и дека ќе оствариме добар резултат“, заврши Мијатовиќ.

Кавадарчани бележеа само победи на пријателските натпревари и подготвени ќе го дочекаат стартот на Суперлигата претстојниот викенд, кога на домашен терен ќе играат против незгодниот Еурофарм Пелистер 2.